„Охридско лето“ со нови селектори

„Охридско Лето“ го раскина договорот со музичкиот селектор Цуцковски, режисерот Александар Поповски и професорот Васо Ристов од ФМУ нови селектори на Фестивалот.

Н.У „Охридско лето“ ја информира јавноста дека го раскина договорот за соработка со музичкиот селектор Ѓорѓи Цуцковски, по претходна согласност од Управниот одбор на Установата. Соработката се прекинува поради неисполнување на обврските дадени во договорот.

Управниот одбор на Н.У „Охридско лето“ на денешната седница го прифати предлогот за именување на нови селектори. За драмскиот дел од програмата како селектор е именуван Александар Поповски, еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери. За музичкиот дел од програмата на Фестивалот „Охридско лето“ како селектор е именуван проф м-р Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје.

Се работи за двајца истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната театарска и музичка јавност, кои зад себе имаат богата меѓународна професионална кариера. Фестивалот „Охридско лето“ очекува од новоименуваните селектори да ги вложат своите капацитети максимално и да бидат активни креатори на уметничката програма на годинешново фестивалско издание, во духот на богатата меѓународна традиција, реноме и значење на Охридско лето.