19/04/2024
Охрид

ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид бара кривична одговорност за директорката на ЈП „Градски гробишта“

Хаосот што го предизвикуваат кадрите на СДС како партиски послушници не престанува. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека СДС со брутална партизација на претпријатијата и со поставувањето некомпетентни партиски кадри Охрид го турка во хаос. Ова на денешната прес-конференција го истакна Перчо Божиновски, шеф на Центарот за комуникации и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Замислете, човечкиот живот не претставува ништо. Манифестирајќи невидена дрскост се поигруваат со граѓаните нудејќи живот за сите, а лицемерно ги напаѓаат чувствата на семејствата на починатите. Директорката на ЈП „Градски гробишта“, Татијана Дамјаноска веќе неколку дена е поврзана со срамен и недоличен чин, дело со кривична одговорност. Извршеното дело било направено на писмено барање од Директорката до приватниот погребален оператор со што тие пристапиле кон откопување на гробот односно е извршено ексхумација, спротивно на сите законски прописи.“- рече Божиновски.

Од ВМРО-ДПМНЕ Охрид ја повикуваат директорката, врз основа на претходно изнесеното, а во согласност со членот 36 од „Законот за гробишта и погребални услуги“ да одговори  на следните прашања.

„Во кое својство се обраќа до приватен оператор, ако според ставот 1 тоа го прават само членови на потесното семејство? Дали има одобрение од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на внатрешните работи и од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството? Дали е пријавено и пред колку дена извршувањето на откопувањето? Со која дополнителна цел врши ископување на гробот? Во интерес на кого и за утврдување на докази е спомнат пронајдениот лимен сандак? Дали е известена МПЦ-ОА знаејќи од бетонскиот крст со слики дека се работи за свештено лице со мошти? И на крај кој е толку моќниот граѓанин пред кого не смее да покаже непослушност?“- рече Божиновски и уште додаде:

ВМРО-ДПМНЕ жали за овој чин за кој треба да има кривична одговорност и бара од надлежните органи на прогон: СВР Охрид и Јавното обвинителство да постапат по Институтот Допрен глас преземајќи соодветни мерки согласно правните закони во државата.

„Почитувана директорке,

Одлуката на нестручниот Управен одбор да не се дозволува закоп на покојници с`е додека не се плати целосно гробното место како ќе се одрази врз буџетот на граѓаните?

Согласно изнесеното, градоначалникот Јован Стојаноски треба да знае какви кадри назначува да ги водат јавните претпријатија во Охрид. Стручни кадри или само партиски послушници што предизвкуваат хаос?
Одговорност мора да има и ќе има!

Доказите се непобитен факт и нема двоумење, според тоа ВМРО-ДПМНЕ бара јавно извинување и разрешување на директорката на ЈП „Градски Гробишта“ од страна на градоначалникот Јован Стојаноски.

Штетата од оваа политика на СДС ја чувствуваат граѓаните на Охрид и многу брзо ја видоа целата непсобност и омраза која постои во редовите на СДС.“- додаде Божиновски.

WebOhrid