29/03/2024
Охрид

ООУ „Ванчо Николески“ изрази благодарност до медицинските лица од Ковид центарот во Охрид

Претставници од ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец и дел од учениците од Еразмус+ клубот при истото, денес го посетија Ковид центарот при охридската болница за да изразат благодарност до целиот тим за нивниот труд и трпение во изминатиов период. На оваа средба учениците на медицинските лица кои повеќе од една година се на првата борбена линија со Ковид пандемијата, им подарија 30 рачно изработени декоративни свеќници, направени специјално за нив. Свеќниците беа изработени на креативна работилница од страна на учениците, под менторство на одговорните за Еразмус+ проектите, но и со вклученост и поддршка на родителите. Се надеваат дека овие свеќници ќе го оплеменат и красат просторот, каде можеби многумина од здравстевните работници оваа година ги доживеаја најтешките моменти.

„Со овој скромен гест сакаме да оддадеме почит и да покажеме дека ние го цениме трудот на сите здравствени работници, кои безрезервно спасуваа животи и секојдневно се жртвуваа за сите нас на нивното работно место. Овие лица се наши херои, бидејќи ја покажаа својата неуморност и грижа за сите нас, дури и тогаш кога сите ние бевме уморни. Свесни сме дека имаа претешка задача, но благодарни сме за сѐ што направија за Охрид и нашите сограѓани.“ велат од ООУ „Ванчо Николески“.

Со желба и надеж да се задржи овој амбиент на постепено исчезнување на пандемијата, од училиштето апелираат до сите граѓани да дадат поддршка на свој начин, за да се намалат последиците и да се олесни борбата на здравствените работници.

ООУ „Ванчо Николески“ е вклучено во 5 Еразмус+ што во овој период ги реализира преку онлајн активности и креативни работилници. Освен основните цели на овие Еразмус+ проекти за стекнување знаења и разменување искуства кај учениците, тие се насочуваат да градат позитивни вредности, почитување и грижа за другите.