20/04/2024
Охрид

Опозицијата ќе ја следи, но нема активно да учествува на денешната седница на Советот на општина Охрид

Опозицијата ќе ја следи, но нема активно да учествува на денешната 52 седница на Советот на општина Охрид.

„Согласно дневниот ред, беа предложени 64 точки и истиот како по правило, вчера околу пладне е предложено да се дополнува со уште 7 нови точки.“  – изјави Гордана Коњановска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Охрид.

„Она што ја прави оваа седница посебна е фактот што некој своеволно донел одлука седницата да се одржи без претходно вака значајни материјали да бидат разгледувани на комисиите, на редовните комисии на Советот на Општина Охрид, кое што претставува навистина преседан. Статутот на Општина Охрид во членот 41 е јасен дека материјалите кои што одат на седница по правило треба да бидат разгледани на комисиите и комисиите да се изјаснат по тие материјали и да дадат насоки на Советот. Ова е без преседан и заради фактот што седниците се одржуваат онлајн, тоа е нешто што ние не го проблематизиравме и ако е завршена одамна вонредната состојба, заеради фактот што сметаме дека на овој начин даваме допринос кон спречување на ширењето на Ковид-19. Меѓутоа, во вакви околности пак комисиите се единствено место каде што може да се прави суштинска разлика за понудените материјали и да се добијат детални објаснувања од претставниците на предлагачот без притоа да бидат нарушени мерките за заштита од Ковид заради малиот број на членови на комисиите.

Заради ова ние одлучивме да ја набљудуваме оваа седница, ние ќе бидеме присутни на седницата, меѓутоа, во знак на револт кон ваквата постапка, нема активно да учествуваме во расправата, ќе ја следиме расправата на колегите од владеачкото мнозинство од Советот, да видиме дали тие имаат некакви ставови и предлози по предложените точки, а кога ќе биде гласањето за точките практично ќе бидеме отсутни од Седницата. Што се однесува на начинот на кој ќе се обидеме да ги подобриме нацрт програмите и буџетот и тоа така што тој ќе стане инструмент за подобрување на животот на граѓаните, решавање на нивните проблеми, тоа ќе го направиме во наредниот период преку амандмани на предложените нацрт програми.“ – истакна Коњановска. 

WebOhrid