20/04/2024
Дебрца

Општина Дебрца го одбележува Светскиот ден на блатните живеалишта

Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески од проектниот координатор Ѓоко Зороски  прими во трајно владение две нови автобуски постојки во селата Белчишта и Ботун. Постојките информираат за Белчишкото Блато, кое е природен бисер во овој дел од државава. Со оваа активност Општина Дебрца се вклучува во одбележување на Светскиот ден на блатните живеалишта, кој оваа година се слави под мотото: Блатните живеалишта и биодиверзитетот.

Целта на оваа инфраструктура е остварување, унапредување, промоција и поддршка на активностите на проектот “Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишкото Блато (Сини Вирој)”, кој го спроведува здружението „Екотуризам 2016“, Охрид и канцеларијата на UNDP, Скопје и е дел од проектот “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од ЕУ, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Наскоро на овој локалитет ќе бидат поставени и фото-замки – камери со кои постојано ќе се следи живиот свет, а посебно крупните цицачи и птиците.

Во идниот период со сите засегнати чинители ќе се работи за прогласување на блатото за заштитено подрачје на национално ниво, а блатото е веќе идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата НАТУРА 2000.

За љубителите на природата, во рамките на проектот е снимен документарен филм кој може да се погледне на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=KetAa_XrV4c&t=16s