29/03/2024
Охрид

Општина Охрид: Препораките од Извештајот на УНЕСКО треба да бидат стимул за сите институции и за граѓаните

Забелешките што се наведени во Извештајот на УНЕСКО, кој треба да биде разгледан на 43-та сесија на Комитетот за културно наследство што ќе се одржи наредниот месец во Баку, ја покажуваат фактичката состојба на Охридскиот регион. Оваа состојба беше детектирана уште во мониторинг мисијата на УНЕСКО која беше направена во април 2017 година.

„Општина Охрид, во текот на изминатите две години ги зеде во предвид сите препораки во однос на ова прашање и во рамки на своите законски надлежности сериозно се посвети на исполнување на барањата на УНЕСКО.

Важно е да се напомене дека во рамки на Извештајот освен негативните забалешки, посочени се и сите позитивни активности, на кои нашата локална самоуправа работеше заедно со владините институции.

Во делот на позитивните забелешки наведени се Одлуката за откажување од Проектот за изградба на Ски центарот на Галичица и Автопатот А3 од Охрид до Св.Наум и започнување на проектот за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Исто така во однос на препораките донесена е и владина одлука за формирање на новото Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем, што е важно во делот на препораките за подобрување на системот за отпадни води.

Во тек е постапката за донесување на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, а во понеделник на 27-ми мај ќе се одржи Информативна сесија за Нацрт-извештајот за Стратегиската оцена на влијанието на животната средина од спроведувањето на овој план. Исто така во владина процедура е и носење на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

Во согласност со ставот на Владата на Република Северна Македонија и ние како Локална самоуправа цениме дека препораките од Извештајот на УНЕСКО треба да бидат стимул за сите институции и за граѓаните за да се работи посветено и со поголем интензитет за зачување на нашето уникатно светско природно и културно наследство.“ – стои во соопштението од Општина Охрид.