Општина Охрид се вклучи во Проектот „Ослободи го умот од корупција“

Со пригоден промотивен настан кој се одржа денеска, Општина Охрид се вклучи во проектот „Ослободи го умот од корупција“ кој го имплементира Здружението на граѓани -театар „Боеми“ со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје и Министерството за локална самоуправа.

Пред присутните на настанот, се обрати претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

– Се работи за  проект насочен кон борбата против корупцијата со вклучување и  анимирање на бројни граѓански  и професионални структури кои ќе бидат дел од мрежата „Развој“ чија цел ќе биде ефикасна борба против корупцијата, нејзино континуирано намалување и обезбедување демократски амбиент и востановување на систем за долгорочен развој на општеството.

За важноста на борбата против корупцијата говорат и податоците од еден од извештаите на  UNODC една од специјализираните канцеларии на Обединетите нации, 10,8 отсто од граѓаните на возраст од 18 до 64 години биле изложени – директно или преку некој член на нивното семејство на искуство за поткуп на јавен службеник а со директно искуство за поткуп, процентот е 6,2 отсто. Податоците се алармантни и потврдуваат дека борбата против корупцијата, како голобален проблем мора да биде поефикасна, во неа да се вклучат сите релевантни општествени групи и постојано да се иновираат нови пристапи како што е овој проект, истакна Ангелоска во своето обраќање.

По презентацијата на проектот, во соработка со ЈП „ Охридски комуналец“, беше засадено дрво- јавор во дворот пред општинската зграда кое симболично ќе го носи името „Дрво на развојот“.

Проектот „Ослободи го умот од корупција“ е составен од интерактивна театарска претстава Хепи Хипо Шоу, документарен филм, истражување, научна студија и социјална мрежа за долгорочно суштинско надминување на корупцијата во нашата земја која ќе вклучува 2.100 учесници.