25/04/2024
Охрид

Општина: Полека но сигурно го расчистуваме хаосот што во сферата на туризмот ни го оставивте вие

Во врска со прес-конференцијата на советничката Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Почитувани советници од ВМРО-ДПМНЕ, огромниот број на домашни и странски туристи кои оваа летна сезона го преплавија Охрид се доволна потврда на заложбите на локалната власт градов да стане модерна туристичка дестинација.

Поставувањето на урбаната опрема во централното градско подрачје е во склад со одлуките на Советот на општина Охрид чиј дел сте токму вие.

„Лесковачкиот – роштиљ“ туризам, бокс апаратите, надуените реквизити, беа обележје и минатото лето и годините пред тоа кога локалната власт беше во Ваши раце.

Полека но сигурно го расчистуваме хаосот што во сферата на туризмот ни го оставивте вие. Се соочуваме и решаваме проблеми со луѓе кои години наназад вие сте ги научиле да продаваат сувенири и реквизити на несоодветни места. Големиот хаос не се решава преку ноќ. Ја реконструиравме и асфалтиравме улицата „Македонија“, а во тек е подготовката и на основен проект за реконструкција на самиот кеј. Работиме на проекти со кои центарот ќе добие нов лик со строго дефинирани и типизирани места за продавање.

Како одговорна локална власт работиме на решавање на проблеми кои вие одамна требаше да ги надминете.

Почитувани, време е да се свестите дека токму поради хаосот што вие го оставивте во туризмот и во многу други сфери од општественото живеење, не ја добивте поддршката од охриѓани на претходните локални избори. Ние напорно и посветено работиме за напредок и туристички развој на Охрид.“ – стои во реакцијата од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид.