20/04/2024
Охрид

Општина: Воопшто не се точни тврдењата дека локалната и централната власт не водат сметка за образованието во Охрид

Во врска со денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Во насока на правилно и соодветно информирање на јавноста, должни сме да посочиме на неколку невистини и недоследности искажани на денешната прес конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид веќе подолго време ја замајува јавноста преку банални пресови во кои изнесува многу невистини и изместени ставови. Што се однесува до грижата за образованието во Охрид, воопшто не се точни тврдењата дека локалната и централната власт не водат сметка. Баш напротив, во изминатиов период од кога на локална власт е СДСМ беа зголемени блок дотациите а во однос на посочените невистини, ги информираме граѓаните дека токму во текот на декември 2017 беа пренесени 1.340.000 денари за опрема на наставни современи средства и помагала токму за поткровјето на Гимназијата. Ова можеби ДПМНЕ не го знае или го знае, а не сака да го спомене, но важно е дека учениците токму во Гимназијата од второто полугодие веќе ги користат кабинетите на поткровјето кои се комплетно уредени со најсовремени наставни средства и инвентар. Без никаква помпа и фалба од страна градоначалникот Стојаноски, но и нашите пратеници кои целосно се посветени на подобрување на условите за работа во образованието охридското образование бележи врвни резултати.

Она што исто така е факт е дека поткровјето е изградено во време на власт од СДСМ, кога градоначалник беше Александар Петрески, а господата од ДПМНЕ, цели 4 години ни со прст не мрднаа за да се средат состојбите. Сега СДСМ е повторно на власт и со поднесен амандман во Собранието на РМ и` беа одредени средства на општината, токму за опремување на поткровјето со современи кабинетски средства… Тие треба да се срамат што 4 години ова поткровје стоеше празно и тотално неискористено…

За јавноста да биде комлетно информирана, сакаме да појасниме дека се намалуваат средствата кои беа предвидени за реконструкција на кровот на ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид бидејќи со Решение на Министерството за култура на РМ од 17.04.2018 година, охридската Гимназија се прогласува за значајно културно наследство и реконструкциите на објектот се во надлежност на Управата за заштита на културното наследство. Во таа насока, секаков вид на реконструкција на надворешниот изглед на објектот се врши по многу посложена и временски подолга законска постапка и затоа за оваа година предвидените санации на кровната конструкција се одлагаат за наредниот период.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.