16/04/2024
Охрид

Општинската зграда затворена за физички посети на странки

Поради актуелната состојба со корона вирусот КОВИД 19 и зголемениот број на заболени на подрачјето на Општина Охрид, по налог на градоначалникот Константин Георгиески, од денеска 11.03.2021 (четврток), општинската зграда ќе биде затворена за физички посети на странки.

Се известуваат граѓаните дека покрај тоа што нема да биде дозволен приод во општинските простории, сите надлежни служби ќе работат непречено. Граѓаните кои имаат било каква потреба од општински услуги ќе може да се обратат на активните телефонски линии и електронските адреси на одделенијата и секторите од општината, кои се достапни на општинската веб страница. За граѓаните ќе биде достапен шалтер на општинската архива каде што ќе можат писмено да се обратат.

Оваа мерка се воведува со цел да се обезбеди поголема заштита на граѓаните и на вработените од ширењето на корона вирусот КОВИД 19 и обезбедување на услови за побезбедно функционирање на општинските служби.

Мерката ќе важи до стабилизирање на состојбата со вирусот.

Општина Охрид упатува апел до граѓаните за максимално почитување на сите актуелни препораки за заштита и превенција од вирусот, кои се донесени од страна на Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија.