28/03/2024
Македонија

Османи: По Извештајот, Македонија излегува од состојбата на ургентност

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, учествуваше на деветтото издание на Компаративната анализа – Извештаи на Европската комисија за Македонија 2014-2018 во организација на ЕВРОТИНК – Центарот за европски стратегии и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ). Пред почетокот на конференцијата, Вицепремиерот имаше изјава за медиумите.

„Една од најважните придобивки од оваа чиста препорака е дека Извештајот покажа дека Македонија се врати на евроатланската агенда, на евроинтегративниот пат“ – изјави Османи, додавајќи дека овој впечаток е поткрепен и во изјавите на еврокомесарот Хан, при предавање на извештајот, но и при посетата и во обраќањето на Потпретседателката Могерини денеска.

„Извештајот покажа дека Република Македонија успешно ги адресираше Ургентните приоритети, што покажува дека е надмината политичката криза, а земјата е вратена на нормалниот демократски колосек“ истакна Османи, додавајќи дека е констатиран и пристоен напредок во реформите, особено во делот на создавањето на основите, т.е. условите за стабилна долгорочна реформска агенда на државата.

Османи посочи и дека една од клучните придобивки претставува и напредокот во демократскиот и политички квалитет, имајќи предвид дека реформите се имплементирани со целосно почитување на процедурите, на инклузивен начин, со вклученост како на граѓанскиот сектор, експертската јавност, така и на опозицијата.