28/03/2024
Македонија

Османи: Успехот на реформите ќе биде ставен на проверка на претстојнот состанок на ССА во Брисел

Денес во Владата на Република Северна Македонија, се одржа 42. состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), кој го водеше Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи. На состанокот беа отворени актуелните теми поврзани со европските интеграции на земјата во однос на статусот на спроведување на Планот 18, претстојната динамика и статусот на реализација на потребните реформи, оценските мисии и обврските по нивните заклучоци, активностите за текот на објаснувачкиот скрининг и предизвиците со кои се соочува преговарачката структура, како и ревизијата на НПАА 2019-2021 и апсорпцијата на ИПА.

„На првиот состанок годинава побарав целосна мобилизација на администрацијата за реализација на реформите, и тој притисок даде резултати- Планот 18 се реализира со очекуваната динамика, а институциите го даваат својот оптимум“, истакна Вицепремиерот Османи на почетокот на седницата, по што даде осврт на досегашната реализација на реформите во клучните области: реформата на безбедносните служби, правосудството, реформата на јавната администрација.

„На редовниот состанок на Советот за Стабилизација и Асоцијација меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија кој ќе се одржи овој месец во Брисел, ќе направиме мериторен пресек за успешноста во имплементацијата на реформите, и во таа насока барам посебен фокус од администрацијата кон финализација на реформите, за во Брисел да се преставиме со во најдобро светло, со што е можно повеќе остварени резултати зад нас“, потенцираше Османи на состанокот.

Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) претставува највисоко административно тело на Владата во кое членуваат државните секретари на министерствата, претседавачите на Поткомитетите, Генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.