26/04/2024
Македонија

Остварување на правото на компензација за жртвите од трговија со луѓе

Во насока на исполнување на обврските превземени со Конвенцијата на Советот на Европа за акција за борба против трговија со луѓе, како и исполнување на препораките на ГРЕТА, Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на 09 Март 2018 година одржа состанок на која беа разгледани модалитетите за остварување на правото на компензација на жртвите на трговија со луѓе. На состанокот покрај членовите на Националната Комисија присуствуваа и претставниците на меѓународните организации (ИОМ, УНХЦР, ИСМПД, МАРРИ ) во својство на членови на Секретаријатот на Националната Комисија, како и претставници од Министерството за правда.

Остварувањето на правото на компензација на жртвите од трговија со луѓе претставува една од најголемите предизвици предвидени во Националната стратегија на РМ за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, но и во Стратегијата и Акцискиот План за реформа на правосудството. Остварувањето на правото на компензација на жртвите на трговија со луѓе е клучен фактор кој овозможува нивна успешна интеграција во општеството, но и избегнување на опасноста од повторна виктимизација.

На наведениот состанок беа презентирани контурите на работната верзија од Законот за исплата на надомест на жртвите на трговија со луѓе, изготвен од страна на “Отворена Порта“, како и финансиските импликации, изворите на финансирање за остварување на правото на компензација на жртвите на трговија со луѓе

Националниот Координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Магдалена Несторовска согледувајќи ги досега превземаните активности за обезбедување на правото на компензација на жртвите на трговија со луѓе ја детектираше потребата од организирање на регионална работилница на која ќе се разменат искуствата и најдобрите пракси на Хрватска и Косово.