Отчет на Адеми: Образовни реформи по европски терк

Образовните реформи во земјата кои неодамна започнаа да се имплементираат или се во фаза на подготовка се креираат по примерот на развиените европски земји и за истите, наместо брзање, потребно е време и максимална посветеност. Ова го истакна министерот за образование и наука, на денешната прес конференција по повод реализираните и тековни активности на Министерството за образование и наука во изминатите триесетина денови откако ја презеде министерската позиција.

Истакна дека еден од приоритетите е усвојување на нова законска регулатива со цел континуирано унапредување на прописите кои ги регулираат правата, обврските и можностите во областа на образованието и наука и во тој контекст во изминатите денови е усвоен нов Закон за поддршка при купување на музички инструменти од страна на учениците и студентите, додека во фаза на подготовка е Закон за основно образование, а наскоро ќе започнат и активностите за изработка на нов Закон за средното образование.

„Кога се работи за крупни законски решенија, не треба да се брза, затоа што сме виделе усвојување закони, а потоа многу бргу измени и дополнувања на тие закони. Законот за основно образование е многу значаен и затоа треба да се најде најдоброто решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца, рече Адеми.

Одговарајќи на новинарско прашање по однос на примената на новите наставни програми за учениците од прво одделение, новина која беше најавена на почетокот на годината дека ќе започне од први септември, тој истакна дека всушност, нивната примена ќе зависи од усвојувањето на новиот закон.

Нагласи дека во фаза на подготовка е втора верзија на Законот за основно образование и во процесот на креирање се вклучени сите засегнати страни, наставници, граѓански организации, меѓународни партнери и образовни експерти.

Како позначајна реформа го издвои воведувањето на концептот на дуално образование во средните стручни училишта, по примерот на германскиот модел.

„Дуалното стручно образование подразбира поголема соработка меѓу училиштата и бизнис – секторот, односно повеќе пракса на учениците и тоа директно, на работното место, под менторство на вработените во компаниите. Целта е да се стекнат потребните компетенции и вештини кои ќе им овозможат вработување на младите непосредно по завршување на нивното образование“, рече Адеми додавајќи дека се работи реформа од која големи се очекувањата зашто таа директно влијае на кратењето на времето за премин од образование кон работа.

Во однос на учебниците кои се применуваат во основното и средното образование, Адеми рече дека се формирани комисии за измени до 30 проценти од содржината на повеќе учебници, со цел да бидат коригирани неточните податоци или пак да се направат одредени дополнувања на фактите.

Информираше дека се донесени решенија за учебници за италијански јазик, кој од септември (покрај францускиот и германскиот) ќе биде втор странски јазик за сите одделенија во основно и за сите години во средно.

Босанскиот јазик, пак, од претстојната 2018/2019 година се воведува во редовната настава во основното деветгодишно образование, за што е одобрен и наставниот план.

На крајот од обраќањето, потенцираше дека тој и министерството остануваат отворени за соработка и работа со сите општествени чинители кои, како што рече, имаат интерес, желба и добри предлози и идеи за надградување и надополнување на националниот образовен систем се со една цел да бидат обезбедени повеќе и подобри образовни можности за граѓаните.