19/04/2024
Македонија

Откриени мигранти и запленети девизи, вакцини за животни, цигари и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија три илегални мигранти и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, автоделови, монитори за видео надзор и компјутери, разводна табла, гасен пиштол со муниција, вакцини за животни, материјал за бижутерија и цигари.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 8.500 евра, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при личен претрес на патничка која имала намера да отпатува со лет за Хановер. На интервенција на аеродромската служба за безбедност, патничката била вратена на царинска контрола. При извршениот личен претрес, под облеката на патничката, во страничниот дел од градникот било пронајдено бело крпче во кое биле завиткани 10.500 евра, за кои не поседувала документ за потекло.

– 7.900 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на македонска државјанка која, како патничка во македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, се пријавила за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во плик сместен во рачната чанта на патничката, биле пронајдени 9.900 евра за кои не поседувала документ за потекло. Согласно законските прописи, на патничката ѝ биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок поднесено е барање за поведување прекршочна постапка.

– 5.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во преден џеб од фармерките на возачот биле пронајдени 7.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

Во сите три случаи, согласно законските прописи, на патниците им биле вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторените прекршоци ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Илегални мигранти

На граничниот премин Табановце автопат бил спречен обид за излез од државата на тројца илегални мигранти. Италијански државјанин, управувајќи камион со италијански регистарски таблички, натоварен со садови под притисок наполнети со фреон со потекло од Грција, наменети за увозник од Италија, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Веднаш при пристигнувањето на преминот, возачот пријавил кај царинските и полициските службеници, дека во товарниот дел приметил нешто сомнително откако одмарал во близина на граничниот премин Богородица. При контрола на камионот, помеѓу садовите со фреон, биле пронајдени три лица без документи, кои според сопствените изјави биле државјани на Пакистан и Авганистан. Илегалните мигранти биле предадени на полициските службеници од преминот за понатамошна постапка.

Вакцини за животни

– 30 вакцини за живина, тип Glasser од 50 ml и Actinoporc од 100 ml, и 260 игли за шприц, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во кутија сместена на креветот за спиење во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Цигари

– 9 штеки цигари Marlboro и Muratti, без акцизни маркички, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени во повеќе најлонски кеси сместени во преградите над седиштата и покрај горниот кревет во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Автоделови и техничка стока

– 20 парчиња модули за автомобили, тип Module ASM-BSI2010EV PSA FL 3, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на чекираниот багаж на македонска државјанка, која имала намера да отпатува со лет за Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патничката ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 10 монитори за видео надзор, 10 адаптери за монитори и 4 монитори за компјутери, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена прекршочна пријава.

– 1 разводна табла и 2 челични котури, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени во просторот за резервна гума и на подот меѓу седиштата на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Гасен пиштол и муниција

– 1 гасен пиштол марка COLT DEFENDER, 15 гасни полнења и 2.400 зрна за гасни пиштоли, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на куферот на македонски државјанин кој допаувал со лет од Виена. Непријавените производи, за чиј увоз е потребна дозвола од Министерството за внатрешни работи, се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Материјал за бижутерија

– 1 килограм легура во зрнест облик, тип LUX by Progold LUX116, и 100 грама бели светкави каменчиња, откриени при контрола на турски автобус, кој сообраќал на релација Истанбул – Пеќ, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во кеса сместена покрај возачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.