24/04/2024
Македонија

Отворен меѓународниот Фис ролер ски куп „Тоше Проески“ во Крушево

 “Имам чест да го отворам третото издание на Фис ролер ски купот „Тоше Проески“, a посебно задоволство ми причинува фактот што денеска сме сведоци на она што го посакавме во минатите години– овој спортски настан да се претвори во традиција која ќе ги чествува името и споменот на нашата музичка легенда Тоше Проески и ќе ги негува спортската култура и спортски трендови“, рече министерот Оливер Спасовски на отварањето на третиот Фис ролер ски куп „Тоше Проески“ во Крушево.

Од година во година бројот на земји – учеснички на овој меѓународен натпревар се повеќе се зголемува. Во овие три дена, колку што ќе трае Фис ролер ски купот „Тоше Проески“,  ќе учествуваат натпреварувачи од десеттина земји, кои од Крушево покрај резултатите, ќе ги понесат и впечатоците, спомените, дел од нашата традиција, историја и култура, промовирајќи го Крушево и целата наша земја.

Овој натпревар, во организација на Скијачката федерација, Олимпик ски клубот од Крушево, Фондацијата Тоше Проески, со поддршка на Министерство за внатрешни работи, Агенција за млади и спорт, општина Крушево и општина Кривогаштани, покрај тоа што овозможува поени за учество на европски и светски манифестации, ја збогатува туристичката понуда во градот, која обилува со културни и спортски активности, кои го привлекуваат вниманието на туристите како од земјава, така и од странство.

„Радува фактот што секоја година сме сведоци на сѐ поголем раст на бројот на туристи, и тоа подеднакво, како во зимскиот, така и во летниот период, што заедно со проектите на општината, придонесуваат за  економски раст и развој и ненаметливо го профилираат овој град во позната туристичка дестинација во регионот. На натпреварувачите им посакувам успешни настапи и врвни резултати, на гостите кои се викендов во Крушево незаборавни спомени, а на домаќините уште еднаш да го покажат познатото гостопримство“, рече министерот Спасовски.