19/04/2024
Охрид

Отворен регионалниот Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар

Во просториите на Општа болница – Охрид, од денес функционира  регионалниот Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар. Центарот е опремен со најсовремена соодветна опрема која ги опфаќа сите потреби на децата, од психолошки развој до социјализација.

Во име на општина Охрид, претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска, изрази благодарност до сите донатори и помагатели и до Здружението „Во мојот свет“ за реализацијата на овој значаен Центар.

Просториите во кои функционира Центарот ги обезбеди Министерството за здравство на Република Северна Македонија, а трошоците за реконструкција на дел од просториите во Детското одделение при Општа болница, ги покри Владата на Република Бугарија.

– Центарот ќе работи во координација со соодветниот во Скопје, со Граѓанската организација „Мојот свет“, со Клиниката за психијатрија и Центарот за ментално здравје. Благодарност до бугарската Влада и бугарскиот народ за оваа помош, што многу ќе значи за регионот оттаму што корисници на новите капацитети ќе бидат околу стотина пациенти од овој дел на земјата, истакна министерот за здравство Венко Филипче на свеченоста по повод отворањето на одделот.

Бугарскиот министер за здравство, Кирил Ананиев, потенцира дека не постои похумано и поблагородно од помагањето на децата со потешкотии.

  • Тоа е кауза што треба да ја следиме во животот. Горд сум што бугарската Влада која ја претставувам успеа да ги обезбеди средствата за изградбата на овој центар. Потребни се заеднички напори на сите братски држави од регионот во рамки на своите можности да придонесат за обезбедување услови за рехабилитација и третман на децата неопходни за нивен натамошен развој, рече Ананиев.

На отворањето на Центарот беше присутна и сопругата на претседателот  Стево Пендароски, Елена Ѓорѓиеска, која истакна дека за поздравување е соработката помеѓу двете министерства чија цел е реализација на проекти од значење на граѓаните.

Потпретседателот на Здружението „Во мојот свет“, Весна Стојаноска им се заблагодари на сите помагатели на нивните активности, како и за конкретната реализација на овој проект.

Центарот за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар е опремен со соодветно прилагодени тоалети за вработените и корисниците, кујна, дефектолошки и логопедски кабинети, опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба. Со децата ќе работат обучени специјализирани едукатори и рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози. Капацитетите на Центарот се доволни  и ги задоволуваат потребите на пациентите од сите градови во југозападниот регион на државата.