25/04/2024
Охрид

Отворен современ центар за физикална терапија во болницата „Св.Еразмо“

На пригодна свеченост, денес беше ставен во функција реконструираниот современ центар за физикална терапија во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” – Охрид.

Реконструкцијата и опремувањето е реализирано со средства обезбедени преку грантовата шема за инвестициски проекти во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ финансиран од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.

На свеченоста пригодни обраќања имаа градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, министрите Венко Филипче и Горан Милески, како и директорот на ЈЗУ „Св.Еразмо“, Ацо Велески и  раководителката на Центарот за развој на Југозападен плански регион, Мирјана Лозаноска. Исто така на отворањето обраќање имаа и Рамис Мерко, претседател на Советот за развој на Југозападен плански регион и Нејзината Екселенција Сибиле Сутер Тејада, Амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија.