20/04/2024
Дебрца

Отворена 34 по ред Ликовна колонија „Дебрца – 2018“

Синоќа во Белчишта, општина Дебрца, свечено беше отворена интернационалната ликовната колонија „Дебрца – 2018“, една од најстарите и со најбогат фонд уметнички дела, во нашата земја.

Годинешните учесници ги претстави основачот на Колонијата, ликовниот уметник Ѓоко Целески, кој му предаде специјална благодарница на Јосиф Ефтимоски, најдолгогодишен претседател на УО и помагател на Колонијата.

Колонијата за отворена ја прогласи градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

„Со колонијата живее цела Дебрца, а не само селото Белчишта, седиштето на локалната самоуправа. Ликовната колонија „Дебрца“ не е обичен културен настан, туку олицетворение на уметноста и културата на Дебрца и дека уметноста и културата не се создаваат само во урбаните центри, туку и во руралните средини и на секое место каде што има креативен творечки потенцијал. Уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство. Затоа од наредната година ќе внесеме нова сила и енергија, ќе вбризгаме нов адреналин и ќе го вратиме стариот сјај на Ликовната колонија. На крајот на сите годинешни учесници им посакав инспирација за создавање на нови уметнички дела, а тоа во Дебрца го имаат во изобилство, бидејќи како што Белчишките „Сини Вирој“ се непресушен извор на питка вода, така Дебрца е непресушен извор на творечка инспирација. Крајно, сите мораме да се водиме од максимата: Ars longa, vita brevis, или уметноста е долга, животот е краток.“ – истакна Ногачески.

На отворањето, свои обраќања имаа и читаа песни, поетите професор д-р Мито Спасевски и Петко Шипинкароски.

Годинава, на Колонијата, во Белчишта, Црвена Вода и на други места, ќe создаваат: Од Македонија – Стадим Димитров, Запро Запров, Даниела Димческа, Горан Јованов, Симон Арнаудов, Предраг Јанески. Од Албанија доаѓа Тасо Констандини, а од Бугарија – Ѓорги Андонов – Жоро, Венера Константинова и Дарина Златарева.

Зад Ликовната колонија „Дебрца“, стојат над 700 дела, меѓу нив и платна на великани од постарата генерација, како професорот Димче Коцо, потоа Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Љупчо Стефаноски и други.

На нив се надоврзуваат Мето Ѓеоргиевски, Менде Иваноски, Васко Ташковски, Сергеј Андреески, Петар Мазев и многу други.

Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, најнапред скромна во старата зграда на поранешната, како овде ја нарекуваат, италијанска касарна, од времето на окупацијата, додека од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерскo ускладиштување и презентирање.