28/03/2024
Македонија

Отворена изложба „Македонија и Македонците во Првата светска војна“

Вчеравечер во Битола во галеријата „Магаза, државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ ја отвори музејската изложба на тема „Македонија и Македонците во Првата светска војна“ подготвена од Воениот музеј во состав на Министерството за одбрана, а која е дел од меѓународната Конференција по повод 100 години од завршување на Првата светска војна која се одржува во Битола од 16 до 19 октомври.

Во своето обраќање Николиќ истакна дека оваа активност е една од активностите која се реализира во ко-организација меѓу Министерствата за одбрана на Македонија и Австрија и додаде дека оваа конференција е од особено значење, затоа што истата е посветена на многу значаен период од минатиот век – Првата Светска Војна, и затоа што на неа научници од единаесет земји ќе дискутираат и ќе разменат информации за овој значаен период од светската историја. Тој додаде дека благодарение на оваа конференција ќе се добијат нови историски информации во однос на овој значаен настан од минатиот век.

На отворањето на изложбата се обрати и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска која пред присутните истакна дека оваа конференција и оваа изложба е многу важна за Битола и граѓаните на Битола кои беа жртви во минатото особено во овој период и токму затоа треба да се сеќаваме на нив.

На денешното свечено отворање на изложбата свое обраќање имаше и директор на Воениот музеј на Република Австрија д-р Кристијан Ортнер, кој во оваа прилика истакна дека денешната изложба презентирана овде во Битола, пред една година беше изложена во Воениот музеј во Виена и истата доживеа голем успех со повеќе од 20.000 посетители. Тој додаде дека токму ова е ѝ причина за реализирање на идејата за меѓународната конференција која ќе се реализира во наредните три дена. Ортнер додаде дека оваа соработка е дополнителен доказ за одличната одбранбена соработка меѓу Австрија и Македонија.

Музејската изложба граѓаните на Битола ќе имаат можност да ја проследат и во наредните три дена каде ќе имаат можност да погледнат документи, фотогафии, писма од македонските граѓани кои учествувале во Првата светска војна.