25/04/2024
Дебрца

Отворена полициска канцеларија во Белчишта

Со пригодна свеченост, денес во Белчишта општина Дебарца беше отворена полициската канцеларија што ќе работи во состав на Секторот за внатрешни работи Охрид. На свеченоста, покрај претставници на СВР Охрид беше присутен и градоначалникот на општината Дебарца, Игор Трајкоски, како и секретарот на Општината, Илија Дуклески.

Со отворањето на полициската канцеларија на СВР Охрид во Белчишта ќе се обезбеди постојано присуство на полициски службеници на целото подрачје и во сите населени места во општината, континуирано ќе се преземаат полициските мерки за зачувување на јавниот ред и мир, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните. Севкупното полициско работење на полициската станица ќе биде насочено кон решавање на безбедносните проблеми и подобрување на степенот на безбедност и сигурност. Акцент ќе биде ставен на пронаоѓање на лица кои вршат кражби на дрва и нелегален транспорт на огревно дрво.

Полициската станица во Белчишта ќе обезбеди редовна, активна, отворена, ефикасна и ефективна комуникација и проактивен однос со месното население и ќе биде сервис на жителите на општината.

Градоначалникот на општината Дебарца Игор Трајкоски ја поздрави идејата за отворање на полициската канцеларија и нагласи дека за граѓаните на општината е значајно професионалното, правичното и законското работење на полициската канцеларија во решавањето на безбедносните настани.

„Ќе опстоиме на нашата определба за професионална полициска работа и професионален полициски однос кон месното население. Граѓаните на општината ќе бидат задоволни од правичната и законска процедура во работата на полициската канцеларија во Белчишта“, рече началникот на СВР Охрид Зоран Сарафилоски.