Отворена првата сензорна градина во ОУ „Григор Прличев“

ОУ „Григор Прличев“ е првото училиште во Охридско-струшкиот регион кое доби сензорна градина, како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој го имплементира Фондацијата „Чекор по чекор“ со поддршка на ХАЛК банка.

На пригодната свеченост за промоција на проектот, свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков кој истакна дека сензорната градина, значително ќе ги подобри условите и ќе овозможи поголема инклузивност за учениците со типичен и атипичен развој.

– Сензорните градини се новитет во нашата држава и затоа се радуваме што во ОУ „Григор Прличев“ веќе има вакво опремено катче. Градината нуди широк спектар на сензорната стимулација и со нејзиното користење ќе се подобри пристапноста до образовните програми за сите ученици, истакна градоначалникот Пецаков.

Тој упати голема благодарност до креаторите и поддржувачите на проектот со надеж за идна заедничка соработка.

– Овој проект нека биде поттик и нека служи како добар пример за останатите општествено одговорни компании, да се вклучат и да дадат придонес во активности кои се од големо значење за заедницата. Водени од политиките за осовременување на условите за образование, Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена за соработка и поддршка на вакви проекти, кои имаат за цел да обезбедат услови за поголемо вклучување на учениците со попреченост во редовна настава и кои овозможуваат еднакви можности за секое дете, независно од неговите образовни потреби, потенцираше градоначалникот Пецаков.

На настанот се обрати и генералниот извршен директор на „Халк банка“ АД Скопје, Билал Суџубаши, кој искажа големо задоволство што како компанија дале придонес во реализација на проектот, кој има за цел да создаде безбедна и пристапна училишна средина за сите деца.

По сензорната градина во Охрид, до крајот на календарската 2021 година во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ ќе бидат промовирани уште две вакви инклузивни катчиња во нашата држава.

Senzorna_gradina_12232021017Senzorna_gradina_12232021007Senzorna_gradina_12232021013