19/04/2024
Спорт

Отворени пријавите за Охрид Ултра-Треил 2021

Оваа пролет од 14 до 16 мај, Националниот Парк Галичица и ризницата на македонската култура – градот Охрид, по трета година по ред ќе бидат домаќини на спортско-рекреативниот настан Охрид Ултра-Треил 2021. Погледнете нешто повеќе за овој уникатен настан под отворено небо. 

Охрид Ултра-Треил e меѓународно верификувана трка во планинско трчање, која има за цели да го промовира неискористениот потенцијал на Македонија во авантуристичкиот туризам и да придонесе во развојот на спортовите во планина особено планинското трчање.

Планинското трчање е еден од најбрзорастечките спортови во светски рамки и настаните честопати претставуваат клучен промотор на природните и културните вредности на едно подрачје заедно со потенцијалите за спорт, рекреација и активен туризам.

Годинава, имаме збогатена понуда на 4 трки кои ги спојуваат најубавите локации на планината Галичица и околу Охридското Езеро, така што љубителите на планинското трчање, брзото планинарење и природата ќе може да одберат една од следните дистанци на настанот: трката на 22 километри Летница Треил со старт од Велгошти наменета за почетниците но и љубителите на кратки и брзи патеки; 40-километарската Самотска Треил со старт од Пештани со прочуениот поглед на двете езера; и веќе добро познатите Галичица Ултра долга 66 километри која започнува од Св. Наум и Охрид Ултра-Треил – ултрамаратонска трка во должина од 110 километри со одлични 5,000 висински метри која оди вдолж и попреку преку цела Галичица. 

Охрид Ултра-Треил е под покровителство на Претседателот Стево Пендаровски, а е поддржан од фондацијата ПОНТ и Општина Охрид. Настанот е во коорганизација на здружението за планинско трчање „Трекс“ – Скопје и асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за спорт“ – Охрид. 

Дознајте повеќе за настанот на официјалната вебстрана каде истотака ќе може да се пријавите за учество – www.ohridultratrail.com, а дополнително уживајте во следното видео загревање со овој прекрасен тизер. 

Видео тизер:

https://youtu.be/AjQzuMhRmNM

Видео од 2020 година:

https://youtu.be/mYjpXIkOv0o