28/03/2024
Струга

ОВР Струга нема да дозволи групно движење позади поворката на утрешната литија

Во пресрет на верската манифестација ЕОРДИЈА-ЛИТИЈА, што утре од 15 до 19 часот ќе се одржа во Струга, а во чест на празникот Свети Ѓорѓија Победоносец, ОВР Струга ги презеде сите неопходни мерки за безбедносно одвивање на црковната процесија со акцент на строго придржување до превентивните мерки и препораки за заштита на населението од вирусот Ковид-19.

Во периодот од 04 до 06 мај 2021 година, претставници на СВР Охрид и ОВР Струга, одржаа работни состаноци со претставници на црквата „Св.Ѓорѓи“ во Струга, на кои, им беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од Корона вирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица, строго да се придржуваат до одредбите за држење социјална дистанца и носење заштитни маски. Црковните претставници кои биле во постојан контакт со МПЦ-ОА, информираа за планираните активности пред и за време на одржувањето на Литијата кои целосно се во согласност со сетот превентивни мерки и нагласија дека Литијата ќе биде составена од локалното свештенство и монаштво. Посочија дека ќе бидат ангажирани други црковни лица и претставници на агенција за обезбедување, со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан.

ОВР Струга изготви оперативен план и во согласност со истиот, на 07.05.2021 година, ќе изврши физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св.Ѓорѓи“ како и целокупната траса по која ќе се движи црковната процесија и нема да дозволи групно движење позади поворката.

ОВР Струга апелира до верниците, настанот да го следат од страна без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел, заштита на јавното здравје на населението од Ковид 19.