24/04/2024
Македонија

Парк шумата Водно во опасност од уништување

На парк шумата Водно и се заканува уништување од изградбата на гасовод низ значајни подрачја на природа богати со биодоверзитет, Еко-свест алармираше со испраќање дописи до домашни и странски институции.

Во последните неколку месеци еколошките организации и иницијативи водат битка со институциите за да го зачуваат единственото поголемо парче зеленило кое му остана на градот Скопје. Станува збор за спорната делница 5 Скопје- Гостивар- Кичево на проектот за национален гасификационен систем на Р.М. за чии потреби е одбрана траса која минува по сртот на парк шумата Водно и низ значајни подрачја на природа чие уништување е неповратно.

Би сакале да информираме дека во изминатата недела Еко-свест испрати дописи до меѓународни институции и банки со цел да алармира за повеќе проблеми кои ги има изградбата на гасовод низ Водно. Меѓу нив:

– Трасата низ парк шумата Водно минува низ значајни растителни подрачја со ретки и загрозени билки, а нејасно е какво ќе биде влијанието на изградбата на трасата и градежните активности врз Матка, Пештерата Убавица и Буково кое е исто значително растително подрачје.

– Оценката за влијание врз животната средина нема стратетија за управување со ризици ниту се испочитувани мерките за намалување на негативните влијанија при расчистување на теренот. Дополнително, изминатата недела излегоа информации според кои биологот кој е потпишан на овој документ воопшто не учествувал во неговата изработка. Со ова се доведува во прашање веродостојноста на податоците и самата студија.

– Во фазата на планирање биле разгледани повеќе можни траси за овој дел од гасоводот, меѓутоа останува нејасно зошто сите биле отфрлени и била избрана токму трасата низ парк шумата Водно. Посебно бидејќи во постапката за Оценката за влијание врз животната средина биле спроведени јавни расправи во засегнатите општини на кои не биле поканети засегнати граѓани и граѓански организации кои работат во сектор животна средина. Единствени кои се потпишани на списоците се вработени во општините и присутните институции.

Поради сите овие причини, а и важниот факт дека на одбраната траса постојат барем две ерозивни подрачја чија дефорестација би заначела зголемување на ризикот од лизгање на земјиштето и загрозување на безбедноста на Скопјани уште еднаш апелираме до властите, гасоводот за овој дел да не поминува низ Водно, меѓутоа и бараме почитување на законите и подзаконските акти.