28/03/2024
Македонија

„Паркирај совесно“- проект за поголема безбедност во сообраќајот

 Сообраќајната едукација и континуираното информирање- особено на младите, кои се и идни возачи, е една од суштинските алки во системот на превентивно делување за поголема безбедност во сообраќајот. Министерството за внатрешни работи преку одделенијата за превенција, како и преку организационите единици надлежни за спроведување на сообраќајните прописи е постојано инволвирано во разновидни проекти и кампањи, при што особена важност се посветува на работата со младите, рече министерот Оливер Спасовски на денешната промоција на проектот „Паркирај совесно“, кој се спроведува во соработка на МВР, град Скопје и општина Центар.

-Овој проект всушност е еден од многуте проекти што се реализираат од страна на сообраќајната полиција и одделенијата за превенција. Во тесна соработка со локалните заедници, со училиштата, со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, но и со други институции кои што на еден или друг начин имаат надлежност во сферата на сообраќајот, полицијата постојано и максимално посветено работи на полето на подигање на нивото на сообраќајната култура- рече Спасовски.

Покрај проектите во делот на превенцијата, полицијата во изминатава година драстично ги интензивираше своите активности и во делот на своите надлежности по однос на откривање и санкционирање на сообраќајните прекршоци. Во текот на минатата 2018 година на подрачјето на главниот град беа откриени над 26.000 прекршоци по основа на непрописно паркирање.

Решавањето на проблемот со непрописно паркираните возила е особено важно за да се зголеми безбедноста на пешаците и велосипедистите, чии што простори за движење се узурпирани од непрописно паркирани возила. И овој проект е пример како со заеднички ангажман на институциите може да се работи на решавање на проблемите.