19/04/2024
Македонија

Пецаков: Бесплатното болничко лекување беше уште една шарена лага на Зоран Заев

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Кирил Пецаков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

СДСМ или свесно ги лажеше граѓаните или се целосно неспособни да го реализираат ветеното. Резултатот на крајот е ист. Животот дојде за Зоран Заев и функционерите околу него, а граѓаните преживуваат.

СДСМ и Зоран Заев манипулираа со граѓаните пред изборите ветувајќи бесплатно болничко лекување за сите граѓани, уште во првите 6 месеци од преземањето на власта. Поминаа 9 месеци, проектот се уште не е реализиран, ниту има најави за негова реализација.

Од видеото во продолжение ќе видите како Зоран Заев во кампањата во 2016-тата година на митинзите низ државата ветуваше бесплатно болничко лекување.

Бесплатно болничко лекување нема. Бесплатното болничко лекување беше уште една шарена лага на Зоран Заев.

СДСМ свесно ги лажеше граѓаните и велеа дека ДУРИ веќе имаат изготвено и измени на закон, ама после една година ниту измени на закон, ниту бесплатно болничко лекување за сите НЕМА.

Ова е лицемерието на СДСМ на дело. Тие во опозиција ги користеа личните судбини и трагедии на граѓаните за ситни политички поени, а сега кога се на власт и кога може да направат нешто за нив се кријат и молчат. Наместо унапредување на здравствената услуга и заштита гледаме секојдневно урнисување и уништување на здравствениот систем како резултат на неспособноста и неработењето на оваа власт.

Јавноста е сведок на затворени одделенија во болниците, па дури и безмалку цели клиники како во случајот со неврохиругија, чести недостатоци на лекови за ретки болести, инсуфициенција на инсулин, медицински апарати кои поради негрижата на власта не се сервисираат и подолг период се нефункционални, како во случајот со компјутерскиот томограф во болницата во Охрид и целодневни парализирања на системот мој термин.

Состојбата е алармантна, а власта ништо не презема.

Квалитетните здравствени услуги и грижата за здравјето на граѓаните се обврска за државата, а право на граѓаните. Граѓаните имаат потреба од функционално здравство. СДСМ наместо подобрување на условите за здравствена заштита истите ги влошува.

СДСМ се коцка со здравјето на народот исто како што се коцка со иднината на Македонија.