16/04/2024
Охрид

Пецаков: Се надевам дека ќе ги изгласаме заклучоците, сè за доброто на биодиверзитетот на Езерото

По предлог на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за денес беше закажана деветнаесеттата вонредна седница на Советот на Општина Охрид. На седницата се дискутира за состојбата со плашиците во каналот Билјанини Извори, после вонредните околности кои доведоа до помор на плашиците, и за мерките и активностите кои се презедоа и треба да се преземат.

Пред почетокот на седницата координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Кирил Пецаков за медиумите изјави дека ќе предложат 4 заклучоци, со цел за доброто на биодиверзитетот на Езерото.

„Нашиот предлог за свикување на итна седница беше поврзан со моментот кога се случуваше поморот на плашицата. Поради временски услови и поради малите интервенции прекина поморот на плашицата, се крена нивото на Езерото и веќе биодиверзитетот на Езерото е во најмала рака во одлична состојба. Ваква ситуација сме имале и во 2012 година, сега повторно се случува и седницата е свикана со една цел, не само свикување на Советот и Градоначалникот, туку ние повикавме и соодветни институции кои се одговорни за Езерото и она што во него се случува, како што се ЕЛЕМ, Хидробиолошки Завод, Министерство за животна средина итн.

Ќе предложиме 4 заклучоци:

  • Градоначалникот да се обрати до Министерството за екологија и да побара конкретни мерки;
  • Градоначалникот да се обрати до Хидробиолошкиот завод и да побара информации за препорачани и дозволени флуктуации на нивото на Езерото;
  • Да се исконтактира ЕЛЕМ и да се иницира ако е потребно да се формира заедничка работна група од која ќе произлезат и пишани препораки;
  • Иницирање на промена на Закони кои ја регулираат оваа сфера со кои ќе се доутврдат одговорностите на засегнатите страни.

Од нашата дискусија можно е да произлезат повеќе заклучоци кои сите ние заедно се надевам дека ќе ги изгласаме, сè за доброто на биодиверзитетот на Езерото.“ – истакна Пецаков.