10/12/2025
Охрид

Пецаков: Следуваат четири години со буџети и проекти кои суштински ќе го променат Охрид

На денешната конститутивна седница на Советот на општина Охрид, пред новите советници се обрати градоначалникот Кирил Пецаков. Во своето обраќање, градоначалникот потенцираше дека претстојниот четиригодишен мандат ќе биде насочен кон интензивен развој на општината и реализација на нови проекти.

„Пред нас се 4 години во кои што ќе гласаме 4 нови буџети на Општина Охрид, буџети кои што од финансиски аспект ќе бидат незапамтениа досега во историјата исто како и минатите, и буџети кои во соработка со Советот, врз основа на тоа што ќе го гласате ќе реализираме многу проекти кои суштински ќе го променат Охрид и јас би рекол стратешки и онаму каде што започнавме таму ќе продолжиме. Во изминатите 4 години се нафативме да решаваме проекти за кои народот разговараше, ги бараше буквално од осамостојувањето на Македонија. И овие 4 години ќе продолжат во тој стил, секако посветени на граѓаните.“ – истакна Пецаков.

Градоначалникот се осврна и на изминатиот четиригодишен период, оценувајќи го како историски за Советот и за Општина Охрид.

„Изминатите 4 години беа историски на Советот, односно на советниците, затоа што беше период на финансиска консолидација на Општина Охрид. Советот треба да е горд во изминатите 4 години, затоа што просечно пред тоа, многу ретко било реализицијата на буџетот над 80%, а Законот е јасен – треба да биде над 95%. Ние, без исклучок, секоја година имавме реализација на буџет над 95%. Со тоа, Советот изминатите 4 години беше горд, нормално и јас како градоначалник, затоа што заедно со сите оние сектори со кои го менаџираме градот, наша работа е да работиме токму транспарентно и успешно, односно реализацијата да биде онаква каква што е.“ –  рече Пецаков.

Пецаков додаде дека Општина Охрид и во следниот мандат ќе продолжи со динамично темпо на развој и со посветеност кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.