10/11/2025
Охрид

Перчо Божиновски реизбран за претседател на Советот на општина Охрид

Перчо Божиновски беше реизбран за претседател на Советот на општина Охрид на денешната конститутивна седница.

„Кога ќе ја добиеш довербата по втор пат, тоа не е награда, тоа е доказ дека си на вистинскиот пат. Денес, стоиме пред вистинскиот избор, но и пред континуитетот на довербата што охриѓани ја потврдија со убедливата и историска победа. Довербата на народот е највисоката чест што може да ти ја даде демократијата, и најтешката обврска што мора да ја заслужиш секој ден. Ќе ве потсетам на зборовите искажани од Гоце Делчев: “Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите”. Победата е токму тоа, доказ, дека кога се работи со визија, со срце и со чесност, народот препознава и враќа со доверба. Продолжуваме таму каде што застанавме, со уште посилен фокус и уште поголема решителност. Ветувам дека има да бидеме Совет што ќе стои заедно со, и до градоначалникот, и има да ја носи одговорноста за секој чекор. Како што бевме, така има и да бидеме отворени за сите и бескомпромисни кога се во прашање интересите на Охрид и охриѓани. Има да бидам претседател кој обединува, не да дели. Совет кој работи за граѓаните, а не за дневна политика. Како што рекол Винстон Черчил: “Политиката не е уметност на невозможното, туку уметност на можноста”, а ние ја гледаме можноста во секој еден охриѓанец, во секоја една идеја, во секој труд, во секој еден од вас 23-ца. Денес го обновуваме заветот дека ќе служиме чесно и со целосна посветеност, со љубов кон нашиот град, со почит кон нашата историја и со храброст за иднината да продолжиме да го градиме Охрид како модерен, просперитетен и достоинствен град кој има да биде гордост за сите. Блаже Конески рекол: “Народот е мојот храм, а јазикот е моја вера”. Нашата работа има да биде токму во храмот на народот, меѓу граѓаните, за да го чуваме наследството, да го почитуваме нашиот идентитет и да ја отвориме вратата за подобро утре.

Им благодарам на граѓаните за огромната доверба, ветувам дека нема да ја изневериме како Совет на општина Охрид. Пред нас е време на работа и на успеси. Има да останеме пример дека кога има единство и визија – Охрид победува. Нека ни е честит почетокот, нека ни е успешен мандатот. Да живее Охрид, да живее Македонија!“ – истакна Божиновски.