18/04/2024
Охрид

Петкоска: До кога ќе нè убедуваат дека „блескаме“ и дали мислат дека охриѓани се заслепени од нивниот блесок?

Денес пред Општина Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Локалната власт предводена од градоначалникот Константин Георгиески до кога ќе нè убедуваат дека „блескаме“ и дали мислат дека охриѓани се заслепени од нивниот блесок та не гледаат што им се случува пред очи?

После најтурбулентното кратење на средствата во буџетот, ни остана да се надеваме дека ќе започнат да се реализираат барем оние малку средства што останаа и дека ќе видиме бар некаков резултат од владеењето на СДС во Охрид.

Но, за жал сè си остана само на хартија, оптеретено со најпознатиот владин предзнак ЌЕ!

Охриѓани имаат право на отчет, охриѓани имаат право да знаат дека и покрај ветувањата, цели шест месеци не се чепна буквално ништо во делот:

– Изградба на фекална канализација во населба Рача (краци меѓу регионален пат Охрид – Св.Наум и патека покрај Охридско Езеро)

– Изградба на улична фекална канализација на краци во селата Велгошти и Пештани;

– Изградба на улична фекална канализација и пречистителна станица во село Трпејца;

– Преприклучување на нова фекална канализација на улиците „Абас Емин“ и „Јане Сандански“;

– Улиците „7 Ноември“, „Егејска“, „Васил Главинов“, „Марко Цепенков“, „Момчило Јорданоски“, „Веле Марко“, „Александар Гушо“ и „1 Мај“ ќе причекаат за изградба на атмосферска канализација;

– Не се изработи проектна документација за фекална и атмосферска канализација;

– Не се изврши нивелирање и чистење на канализциона мрежа и шахти и не се променаа капаци.

Почитувани, за крај единствено што ни останува е да апелираме до охриѓани – Бидете без грижа, сè ЌЕ биде во ред. Затоа што на времето на лажни ветувања и предизборни манипулации му доаѓа крајот!“ – истакна Петкоска.