18/04/2024
Охрид

Петкоска: Додека Георгиески дише чист воздух на Француските Алпи, граѓаните сѐ повеќе и повеќе се гушат

Денес пред Општина Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Додека градоначалникот Константин Георгиески дише чист воздух на Француските Алпи, граѓаните секојдневно сѐ повеќе и повеќе се гушат.

Локалната власт на СДСМ секојдневно депонира градежен шут и ѓубре на локацијата Мауцкер, иако тоа е забрането.

Зошто покрај забраната и спротивно на законите повторно и повторно се одлага ѓубре на Мауцкер?

Ова ли се современите стандарди за одлагање отпад?

Зошто распишавте тендери и потрошивте милиони, а сликата од Мауцкер го кажува спротивното? За жал вистината е дека останаа само лажните изјави дека наводно е отстрането ѓубрето.

Зошто Георгиески не бара одговорност од директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски за што ги потрошија парите за дислокација на отпадот?

Градоначалникот Георгиески и локалната власт создаваат проблеми наместо да вложат напори за изнаоѓање на Локација за депонирање на градежен шут и цврст отпад со што би се решил проблемот со дивите депонии во околината.

Власта на СДСМ се однесува несериозно кон животната средина создавајќи депонија на Мауцкер и апсолутно не се грижи за зачувување на статусот на УНЕСКО.

Локалната власт и градоначалникот Георгиески не можат да се справат ниту со депонијата Буково, исто како што не можат ни со дивоградбите.

По 12 април нема да изостане одговорноста за сите непочитувања и прекршувања на законите!“ – истакна Петкоска.