18/04/2024
Охрид

Петкоска: Македонската економија го живее својот најмрачен период

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Македонската економија го живее својот најмрачен период. Актуелната власт предводена од СДСМ и аболицираниот политичар Зоран Заев, заедно со неговиот тим ја донесе македонската економија до колапс.

Освен младите, земјата ја избегнуваат и странските инвеститори и капиталот.

Според најновите официјални податоци на НБРМ, нето СДИ во 2019 година се намалени за 187 милиони евра.

Додека власта предводена од СДСМ ја замајува јавноста, сурова реалност е дека во Република Македонија владее кеш-коруптивната епидемија, над 500.000 граѓани живеат на прагот на сиромаштија и над 50% од младите се невработени и размислуваат да си заминат, затоа што не ја гледаат иднината тука.

Граѓаните на Охрид и Струга се сведоци на фактот дека во ТИРЗ Струга, на површина од вкупно 30 хектари, работи само ОДВ Електрик од Германија – инвестиција која е резултат на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Моментално во оваа зона не гледаме дека има багери, кранови и дека нешто се работи на терен, посебно не кога се зборува за изградба на нов индустриски капацитет.

Каде се добро платените работни места за Охрид кои ќе обезбедеа ликвидност на домашните фирми?

Ниту фирми има, ниту работни места, ниту луѓе! Испустивте сѐ и го испразнивте Охрид.

Охрид можеше да живее и од туризам, но оваа неспособна власт и туризмот го падна на колена и наместо туристи, Охрид го заѕида во дивоградби и му донесе само загаден воздух. На прав пат сме да го загубиме и УНЕСКО статусот!

Незнаењето и неспособноста на луѓето кои управуваат со економските процеси во нашата земја се основните причини кои ја зголемија деловната несигурност во земјата и истата ја направија земја со нарушена инвестициска клима. Тоа за нас граѓаните значи помалку работни места, помалку работа за домашните фирми и понизок економски раст.

Факт е дека охридско-струшкиот регион со децении продуцира високо стручни кадри од технолошките науки. За жал, овие кадри нема каде да аплицираат за работа и затоа воопшто не треба да се чудиме зошто квалитетните кадри заминуваат надвор од Република Македонија, а овој несопирлив тренд е многу опасен за и онака клинички веќе мртвата економија на Македонија.

Охриѓани велат: Имало бел ден! Тој ден наближува! По 12-ти април ќе дојде новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која со своите стручни и чесни кадри ќе ја започне обновата на Македонија.

Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, најпрво ќе се посвети на заздравување на економијата и привлекување на инвестиции кои ќе генерираат производи со голема додадена вредност, со што реално, а не предизборно и популистички ќе го подигнат економскиот капацитет на државата.

Република Македонија и граѓаните на оваа земја го заслужуваат тоа!“ – истакна Петкоска.