29/03/2024
Охрид

Пијанистите Сун Хи Јоу и Марко Чампи ја воодушевија публиката во „Света Софија“

Младите и исклучително талентирани пијанисти Сун Хи Јоу од Јужна Кореја и Италијанецот Марко Чампи синоќа музицираа во црквата „Света Софија“ во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Нивниот концерт претставуваше вистинско уживање за љубителите на уметноста кои со огромно внимание го проследија музичкиот настан, но и го наградија со бурни аплаузи и „бис“.

Пијанистката Сун Хи Јоу од Јужна Кореја која живее во Рим се сретнала со својот колега Чампи пред 10 години на музички натпревар каде организаторот, слушајќи ги како свират пијано, им предложил да свират заедно.

-Сме среќни што сме тука и ни претставува огромна чест да настапуваме на овој високореномиран фестивал. Прекрасно е да се свири пијано заедно со Марко Чампи зашто двајцата музицираме на свој начин, јас како жена, а тој како маж. Така, и во програмата се чувствува кај мене женственоста, а кај него мажественоста. Бевме среќни и синоќа кога ги изразивме нашите мисли и емоции преку музиката пред публиката на прекрасниот фестивал „Охридско лето“, Сун Хи Јоу која првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.

Пијанистот Марко Чампи беше дел од фестивалот пред три години заедно со неговиот колега и сонародник, Алберто Пицо и  со легендарниот композитор на филмска музика, оскаровецот Луис Бакалов почина минатата година.

-Среќен сум што повторно музицирам во прекрасната црква со акустика што плени. Бев дел од фестивалската програма во 2015 година кога  настапив со Алберто Пицо и Луис Бакалов, кој, за жал, почина минатата година, и синоќешниот концерт во Охрид му го посветив токму нему. Со Сун свириме две години заедно. Имаме различна програма како оваа со која настапивме на „Охридско лето“, вели Чампи Пијанистката Сун Хи Јоу е една од највозбудливите изведувачи во подем, која постојано ја воодушевува публиката низ светот. Уште од самото нејзино деби, таа од дете-гениј прераснува во комплетен музички артист со изразена експресивност и техничка зрелост во свирењето..

Пијанистот Марко Чампи е извонреден изведувач, a тоа го  докажува и фактот што досега има победено на преку 30 национални и интернационални пијано натпревари. Како солист, досега се појавил на некои од најпрестижните сцени во Европа и Америка, како и на повеќе фестивали во светот. Во текот на својата кариера работел со проминентни оркестри и истакнати композитори и изведувачи. Неговите изведби редовно се емитуваат на престижни радио-станици.