25/04/2024
Македонија

ПИСА 2018 – Дескоска и Адеми на работен состанок со директорите на средните училишта

Министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска и заменикот министер Арбер Адеми, денеска присуствуваа на средба со директорите на јавните и приватните средни училишта во Република Македонија, посветена на меѓународното тестирање ПИСА 2018, кое го спроведува ОЕЦД.

Министерката Рената Дескоска истакна дека ПИСА тестирањето треба да одговори на прашањето дали македонскиот образовен систем ја извршува својата мисија, нагласувајќи дека учениците најпрво треба да бидат научени  да размислуваат и да го селектираат она што е правилно од она што е невистина.

„Свесни сме за постоечките проблеми и минатите реформите кои го опфатија образованието во Република Македонија, не ги постигнаа очекуваните резулатати. Нашите ученици се помалку учеа со разбирање, а се повеќе се предаваа на простото учење на факти и бројки.

Со оглед на тоа дека изминатите тестирања покажаа лоши резултати, бевме рангирани на дното на листата заедно со последните четири земји, се обидуваме на секој начин да ги мотивираме, пред се, наставниците и директорите за таа мотивација да ја пренесат на учениците сериозно да пристапат на ова тестирање. Во минатото се покажа дека учениците дури не стасувале до крајот на тестот бидејќи го сметале за нерелевантен и небитен, дека не влијае на нивниот успех и не ги завршувале тестовите. Првенствено сакаме да ја кренеме свеста за значењето на ова тестирање кое во крајна линија ќе биде патоказ на реформите што ќе ги правиме во средното и во основното образование“, рече Дескоска, посочувајќи дека со новиот закон за средно образование, како и со законот за основно ќе биде воспоставен механизам за рангирање на училиштата. Таа дополни дека и резултатите од меѓународните тестирања, како и ПИСА ќе влијаат на рангирањето на училиштата.

Заменик министерот Адеми, во своето обраќање истакна дека резултатите во 2000 година не беа на завидно ниво, додека оние од тестирањето во 2015 година биле уште послаби.

„Резултатите кои се добиваат претставуваат добра подлога за иницирање образовни реформи во насока на подобрување на квалитетот на платформата за стекнување на практични вештини и способности на учениците“, дополни Адеми.