25/04/2024
Писма/Колумни

Пишуваме ли честитки?

Во овие последни декемвриски часови од старата година, со нетрпение ја очекуваме Новата година, со надеж за подобри, поуспешни и посреќни денови. Исполнети сме со мисла дека убавите работи од старата година ќе траат, а лошите нешта нема да се повторат.

Желбите се од срце, за здравје, љубов, мир, благосостојба. Си посакуваме себе си, но и на нашите роднини, пријатели, познаници, блиски и далечни. Си честитаме лично, но и по писмен пат. И сега, тука е причината за овој текст. Се наметнува прашањето: Пишуваме ли честитки?

Малку истражував по ова прашање. Се прошетав низ Охридската чаршија каде се наоѓаат новогодишните тезги преполни со шарени лампиони, светкави украси и најразлични честитки. Дедо Мраз се смее од својата санка, влегува низ оџак, многу дечиња со насмеани лица прават Снешко Белчо… А цените најразлични: три за десет денари, за дваесет денари, музички честитки за триесет денари. Навистина голем избор.

Срцето ми затрепери и ме пренесе во едно минато време кога како ученик со радост чекав да дојде месец декември и да почнам да пишувам честитки. Им пишував на моите другарчиња, роднини, а најмногу се радував кога ќе отидев во поштата, ќе залепев необични марки и ќе ги испратев честитките на блиските од други градови или странство.

Се распрашав кај продавачите на честитки за тоа дали се продаваат честитките. Единствениот одговор беше дека продажбата е слаба.

Пријателите и блиските од мојата околина ми одговорија дека ретко пишуваат честитки. Дури и дечињата ја немаат таа возбуда кога треба желбата да се напише на честитка. Сите одговори за причините за непишување на честитките се наоѓаат во Интернетот. Се честита преку е-пошта, СМС, јавувањето по телефон е побрз и поедноставен начин да се честита Новата година. Се пишуваат статуси на Facebook, се објавуваат песни, се честита на сите знајни и незнајни виртуелни пријатели.

Дали модерната технологија ја уништи магијата на честитките?

Среќна Нова 2013 година!

Р.К. (читател на WebOhrid)

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.