28/03/2024
Македонија

Поевтинуваат мазутот и екстра лесното масло за домаќинство, останатите горива со иста цена

Според најновата Одлука на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, од вечерва по полноќ малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се намалуваат во просек за 0,26%.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менуваат, односно остануваат на исто ниво како што биле утврдени со Одлуката од 17.08.2020 година, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 59,50 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 61,50 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 52,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалува за 0,50 ден/лит, во однос на цената утврдена со Одлуката од 17.08.2020 година и со тоа малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 51,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,085 ден/кг во однос на цената утврдена со Одлуката од 17.08.2020 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 26,280 ден/кг.