28/03/2024
Охрид

Поповиќ: „Охридско лето“ ќе ја збогатува културната понуда во текот на целата година

Светски познати млади музичари, но сепак скромни и блиски со публиката, не само преку музицирањето, туку и во непосредниот контакт. Такви се покажаа пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко од Русија кои синоќа одржаа концерт за паметење во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Со специјално одбрана програма на дела од Бах, Доплер, Алиабиев, Згралиа, Мартин, Прокофјев, Рахмањинов и Кларк, младите виртуози од светот на класичната музика донесоа шарм, свежина, елеганција и виртуозност и ја воодушевија публиката што го следеше концертот во црквата „Света Софија“.

„Се обидовме да направиме специјална програма, најдоброто за охридската публика. Во Охрид настапувам првпат. Градот е прекрасен, времето исто така, црквата е совршена, се’ е убаво овде.Со Синчук свириме во дует, но не често бидејќи тој живее во Белград, а јас во Париз. Настапувавме почесто заедно кога живеевме и студиравме на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва,“ – изјави флејтистот Науменко по маестралното музицирање во охридската катедрала „Света Софија“.

Пијанистот Александар Синчук кој редовно музицира во најдобрите концертни сали во светот и чиј стил и музички израз го споредуваат со оној на Рахмањинов, не го криеше задоволството што има можност вторпат да музицира на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и регионот, фестивалот „Охридско лето“.

„Многу сме задоволни од настапот во Охрид. Се’ беше убаво, а и публиката беше прекрасна. Вторпат свирев на престижниот фестивал „Охридско лето“ и впечатокот е повторно ист како и тогаш. Феноменална акустика, добар клавир, пријатна атмосфера,“ – истакна виртуозот на пијано Синчук.

Рускиот пијанист Александер Синчук е лауреат на интернационалните натпревари по пијано. Неговата успешна кариера започнува по освојувањето на првото место на четвртиот интернационален натпревар „Сергеј Рахмањинов“ во Москва, во 2008 година, по што 19-годишниот пијанист одржа соло-рецитал на подиумот во престижната сала „Карнеги Хол“ во Њујорк.

„Тоа е настап што останува вечно во сеќавањата. Се разбира дека е предизвик да се концертира во „Карнеги Хол“, нешто што цел живот ќе го паметам,“ – додаде Синчук.

Концертот на двајцата руски музичари во рамките на „Охридско лето“ се одржа надвор од стандарниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, но како што најави директорката на фестивалот, Нашата Поповиќ, тенденцијата е, да се збогати културната понуда на градот и државата, не само во лето, туку и во текот на целата година.

„Многу сум среќна што по подолго време „Охридско лето“ ќе функционира преку целата година. Сметам дека со тоа ќе се подобри и самиот фестивал, а од друга страна ќе се подигне и нивото на културата во градот и државата. Ќе настојувам, надвор од стандардниот фестивалски термин, секогаш да доаѓаат големи имиња со цел да се афирмира фестивалот многу пошироко. Инаку задоволството од концертот на Синчук и Науменко е огромно и не може да се изрази со зборови бидејќи овие млади уметници ни ги доловија сите бои и сите чувства што постојат и што можат да се искажат. Навистина се врвни уметници и пред нив претстои огромна кариера,“ – изјави директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Синоќешниот концерт доби хуманитарен предзнак, а средствата што се собраа ќе бидат наменети за лекувањето на 15-годишната охриѓанка Сара Настеска.