29/03/2024
Охрид

Порака од потпишаната Заедничка изјава на земјите од групата А5

Шефовите на делегациите на САД-Јадранската повелба, предводени од претседавачот и домаќин на состанокот, министерката Шекеринска денеска ја потпишаа Заедничката изјава.

„На денешниот пленарен состанок сите земји ја потврдивме нашата одлучност да чекориме на патот до целосна интеграција на овој регион во рамките на евроатлантската заедница. Само така ќе можеме да ја зачуваме безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој регион“, рече министерката Шекеринска по потпишувањето.

Шекеринска истакна дека Република Македонија е одлучна да стане 30. Земја-членка на НАТО и земјите од САД-Јадранската повелба тоа целосно го поддржуваат.

„Еден од заклучоците од состанокот е недвосмислената поддршка за Република Македонија во стекнување на полноправното членство во НАТО. Го поздравивме и придонесот на Босна и Херцеговина во операциите на НАТО и нејзината посветеност на регионалниот дијалог, соработката и безбедноста“, истакна Шекеринска.

Министерката рече дека земјите-членки на А5 во Заедничката изјава ја потврдија важната улога на САД, Хрватска, Црна Гора и Албанија како полноправни членки на НАТО, во поддршката на останатите земји-аспиранти.

Во контекст на учеството во мировни мисии, министерката рече дека земјите од А5 ќе продолжат заеднички да придонесуваат кон глобалниот мир и стабилност. „Ги нотиравме националните одлуки за зголемено учество во мисијата „Одлучна поддршка“ и изразивме подготвеност да разгледаме други можности за заедничко учество во други активности на НАТО, согласно потребите на Алијансата и нашите можности“, додаде министерката.

Дел од Заедничката изјава е и позитивниот став на земјите од А5 околу иницијативата на Македонија, за родовата перспектива во поширок безбедносен контекст, а поздравени се и амбициите на Македонија да има водечка улога во нејзината имплементација.

Како заклучок од успешно реализираниот Министерски состанок, министерката Шекеринска рече дека во минатото регионот многу пати знаеше да биде предизвик за Европа, но дека земјите нема да дозволат историјата да се повтори. „Оваа значајна иницијатива, меѓусебните контакти, довербата покажуваат дека нашиот пристап се менува. Нашите дела покажуваат дека регионалната соработка не е само фраза, таа е реалност. Се надеваме и сме цврсто посветени сите наши земји да бидат дел од НАТО и со тоа да проектираме стабилност, безбедност и просперитет.

Претседателствувањето со САД-Јадранската повелба од идната година го превзема Црна Гора.