18/04/2024
Македонија

Порака од претседателот Пендаровски за кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Претседателот Стево Пендаровски се вклучи во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите Нации, чија цел е подигање на свеста за заштита и спречување на насилство врз жени и девојчиња и родово базираното насилство. Претседателот Пендаровски во пораката истакна дека е нужно секој од нас да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера – во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори.

Во знак на поддршка на кампањата, Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија „Вила Водно“ е осветлен во портокалова боја.

https://youtu.be/nVZKCrrkJVY

Почитувани,

Пандемијата не потсети дека домот не е најбезбедно место за многу жени и деца, жртви на семејно и родово базирано насилство, затоа што бројките покажуваат алармантен број на вакви случаи, и кај нас и во светот.

Зголемените бројки се последниот сигнал дека ни е потребен зајакнат одговор од институциите и сеопфатна стратегија и поддршка на жртвите на насилство.

Со ратификувањето на Истанбулската конвенција и Акцискиот план за нејзино спроведување направивме значаен исчекор во подобрување на институционалните механизми за превенција и заштита од родово базираното насилство.

Меѓутоа, за подобри резултати потребни се буџетска поддршка, посветеност и соработка меѓу институциите и на национално и на локално ниво. Потребен е системски пристап во едукацијата за препознавање на сите форми на родово базирано насилство, како и заштита, спречување, пријавување на насилството, сослушување и поддршката на жртвите.

Потребно е секој од нас да преземе одговорност. Секогаш кога сме сведоци на насилство врз жени и девојчиња или семејно насилство, наша должност, пред се, како луѓе е да пријавиме и да им дадеме поддршка и помош на жртвите. Побарајте помош и пријавете насилство во полиција, во центрите за социјална работа, на СОС линиите, кај граѓанските организации, информирајте ги вашите блиски пријатели или роднини.

Нужно е, секој од нас да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера – во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори.

Ако сакаме општество на слободни и достоинствени граѓани, мора да им овозможиме на сите да имаат свое место во заедницата во која ќе се чувствуваат безбедни и сигурни.

Да се бориме против насилството врз жените и девојчињата и против сите форми на родово базирано насилство, секој ден, сите заедно!