28/03/2024
Охрид

Посебен сообраќаен режим во Охрид при одбележувањето 1000 години постоење на Охридската Архиепископија

Со цел безбедно и непречено одвивање на манифестациите по повод одбележувањето на 1000 годишнината од постоењето на Охридската Архиепископија, Секторот за внатрешни работи Охрид ги презема сите неопходни безбедносни мерки на превентивен и оперативен план. Мерките на СВР Охрид се насочени кон зачувување на поволната и стабилна безбедносна состојба на целото подрачје во областа на јавниот ред и мир, спречување на казнени дела и регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје.

Денеска, полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, врши известување до сопствениците на патнички и други моторни возила за дислокација на возилата од паркинг местата од улицата „Абас Емин“ со булевар „Туристичка“ , улица „Кирил и Методиј“, паркинг просторот кај „Горна порта“, улицата „Кузман Капидан“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, кон кружната крстосница со кеј „Македонија“. На овие улици, целосно ќе биде затворен сообраќајот за моторни возилаи и пренасочуван по кеј „Македонија“. На овој потег е забреното паркирање на патнички и други моторни возила.

Посебниот режим на сообраќај ќе отпочне утре од 09 часот и ќе трае до 28 овој месец до 12 часот. Во севкупните безбедносни мерки на настанот се вклучува и полициската станица од општа надлежност Охрид како и полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ со присуство на полициски службеници во патролни полициски чамци.