18/04/2024
Охрид

Последни подготовки за овогодинешното издание на „Охридска Софра“

Деновиве привршуваат последните подготовки за овогодинешното издание на традиционалната манифестација „Охридска Софра”, која ќе се одржи на 27-ми јули (сабота), со почеток во 10 часот во селото Скребатно.

За прв пат оваа година, настанот ќе биде медиумски промовиран преку телевизиската емисија за готвење „Вкусот на традицијата” на Адријана Алачки. На манифестацијата која има за цел да ја промовира охридската традиционална храна, ќе бидат присутни и врвни готвачи од ГастроМак.

Во рамки на манифестацијата е предвдена богата културно уметничка и музичка програма, како и дегустација и оценување на познатото охридско ѓомлезе, подготвено од страна на натпреварувачите. За трите највкусни ѓомлезиња, обезбеден е вкупен награден фонд од 20.000 денари.

Сите граѓани кои сакаат да ја проследат манифестацијата, Општина Охрид има обезбедено бесплатен превоз до селото Скребатно со превозникот „Бале Турс”. Тргнувањето е во сабота на 27-ми јули во 09:30 чaсот, пред Скалестата зграда (на булевар „Туристичка”) и во 09:45 часот пред Домот на култура во селото Лескоец.