28/03/2024
МакедонијаРегион/Свет

Поставена спомен плоча од македонската принцеза Косара во црногорскиот град Бар

Во Бар поставена плочата на македонската принцеза Косара.

На вториот ден од официјалната посета на Црна Гора, претседателот Стево Пендаровски денеска во Бар присуствуваше на поставувањето на спомен-плочата на Владимир и Косара, која е изработена во Македонија, во чест на македонско-црногорското пријателство.

Претседателот Пендаровски посочи дека поставувањето на ова спомен обележје претставува симбол на блискост и културно-историската врска помеѓу Македонија и Црна Гора, и се реализира на иницијатива на Здружението за македонско-црногорското пријателство и Заедницата на Црногорците во Република Македонија.

Плочата е во спомен на ликот на црногорскиот кнез Владимир, неговата храброст и човечките идеали, како и легендата за неговата љубов со македонската принцеза Косара, ќерката на цар Самоил, која е опеана во „Летописот на попот Дукљанин“.

Спомен-плочата е изработена од страна на македонскиот скулптор Томе Аџиевски и е поставена во Бар, каде најмногу се негува култот кон кнезот Владимир, кој се смета за заштитник на градот.

Плочата е поставена на плоштадот „Владимир и Косара“ кој е во фаза на реконструкција и наскоро треба да биде завршен.


WebOhrid / 14.04.2022 / Агенција за иселеништво