16/04/2024
Охрид

Потпишан договор за пријателство и соработка помеѓу општина Охрид и градот Мостар

Во правец на промовирање и јакнење на пријателските врски помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, со цел воспоставување и продлабочување на соработката помеѓу двата градови, изразувајќи подготвеност за развивање и јакнење на врските помеѓу двата народи во рамките на законите на двете држави и градови, е само дел од заедничкиот договор што денес во општина Охрид, го потпишаа градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и во име на градоначалникот на Мостар, Радмила Комадина, директор на административната градска управа.

„Контактите се воспоставени од порано, со средби на делегации од Охрид и Мостар во други збратимени градови и оттука е идејата да се промовираат и продлабочуваат врските меѓу Охрид и Мостар. Со оглед дека делиме заедничко минато, а двете држави тежнеат кон заедничко евро атланско асоцирање, веруваме дека и иднината може да ни биде заедничка и во интерес на двата града и граѓаните. Важно е што можеме сега заеднички да планираме и имплементираме проекти од интерес за двата града пред ЕУ фондовите,“ – истакна градоначалникот Стојаноски.

Со потпишувањето на меморандумот, двата града кои се под заштита на УНЕСКО, ја потврдија намерата заедно и истрајно да делуваат  во областа на заштитата  и промоцијата на своето природно и културно наследство, со размена на искуства во унапредувањето на јавната свест за значењето  на статусот на листата на УНЕСКО.

„Пред потпишувањето на овој договор имавме повеќе средби и меѓу кои беше и потпишувањето на договорот за соработка помеѓу града Охрид, Дубровник, Котор и Мостар, како градови под заштита на УНЕСКО. Со потпишувањето на овој документ започнување нова етапа за конкретизирање на меѓусебната соработка во сите области од заеднички интерес,“ – рече Радмила Комадина.

Заедничка беше констатацијата дека со потпишувањето на овој договор се отвора широк хоризонт за јакнење на искрените и пријателски врски на двата града и нејзините граѓани.