20/04/2024
Македонија

Потпишан Меморандум за јавно приватен дијалог помеѓу Владата на РМ и четири стопански комори

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев истакна дека јавно приватниот дијалог овозможува структуриран пристап, со учество и инклузивност на главните засегнати страни во креирање на политиките во насока на реформи на владеењето и за реформи на амбиентот за создавање стимулативно деловно опкружување.

„Како Влада која промовира демократско и отворено владеење, сметаме дека само енергичен придонес на приватниот сектор во меѓусебниот дијалог, вашето учество во креирање политики, заложбата кон подобрување на квалитетот на претставувањето на бизнисот и усогласеност со демократските институции, можат да бидат предуслов за добро владеење и одржливи реформски измени“, изјави Заев.

Директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалес во Македонија во своето воведно обраќање истакна дека е зголемен дијалогот меѓу Владата на Република Македонија и приватниот сектор во последните месеци.

„Денешниот Меморандум е пример за зголемување на дијалогот, станува збор за договор помеѓу Владата на Република Македонија и четирите стопански комори кои ја претставуваат бизнис заедницата. Коморите поаѓајќи од заедничките интереси во застапување на компаниите заедно со Владата на Република Македонија ќе ги градат политиките кои ги засега секој сектор во стопанството, особено микро, малите и средните претпријатија“ истакна директорот на канцеларијата на УСАИД, Гонзалес.

Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека јавно приватниот дијалог е основа за економски напредок.

„За прв пат денес почнуваме нова страница за деловната заедница со потпишување на овој договор, со воспоставување формален механизам за рамноправно учество на Владата и приватниот сектор во јавно приватно партнерство и дијалог. Поставивме критериум за генерациите кои доаѓаат, а овој договор претставува форма преку која трајно ќе се унапреди институционалната соработка со цел развој на националната економија. За приватниот сектор овој успех е само почеток на напорната работа која претстои“, изјави Арсовска.

По презентацијата на спроведена анкета и истражување на четирите стопанските комори која ги нотира барањата и размислувањата на бизнис секторот се отвори дискусија во која претседателите на стопанските комори споделија ставови и размислувања.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев рече дека потпишувањето на меморандумот ја официјализира одличната соработка што Владата на Република Македонија со сите стопански комори.

„На терен сме и ги слушаме потребите на бизнис секторот. Ако ја раздвижиме економијата ќе обезбедиме и подобар животен стандард за граѓаните. Водиме инклузивни политики и законите ги носиме низ дијалог со стопанството. Мерките за поддршка на инвестициите произлегоа од потребите на стопанството. Очекувам голем број на компании да аплицираат по мерките од Планот за економски раст кој беше донесен во Собранието на Република Македонија и по чии мерки компаниите веќе може да аплицираат“ потенцираше вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во своето обраќање порача дека е создаден поволен амбиент заедно Владата и бизнис секторот да ја зголемат соработката за надминување на состојбите посебно во делот на успешна имплементација на законските решенија.

Неби Хоџа, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија ја истакна важноста на денешното потпишување на меморандум за јавно приватен дијалог како важен чин на официјализирање на партнерството помеѓу владата и бизнис секторот за надминување на предизвиците.

Драган Чепујноски од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ порача дека многу е важно сите фактори да бидат вклучени во подобрување на климата за економска соработка и во креирањето на функционална, ефикасна и ефективна законска рамка.


Обраќање на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев: 

Денеска правиме, како што рече Данела уште еден чекор повеќе. Уште еден чекор плус во соработката со деловниот свет, како заеднички придонес во креирањето, одржувањето и унапредувањето на економскиот амбиент во Република Македонија.

Силно веруваме дека овој чекор е чекор за овозможувачка средина за бизнис заедницата и за нејзините иницијативи. Обединувањето околу оваа иницијатива не носи поблиску до економски стабилна држава, како и поблиску до економски стабилни граѓани и семејства.

Денешниот настан е особено значаен. Затоа за неколку минути овде, во оваа  сала во Владата на Република Македонија ќе биде потпишан Меморандум за воспоставување на јавно-приватен дијалог меѓу Владата и Стопанските комори во Република Македонија.

За мене овој чекор претставува особено значаен чин. Со него, на уште еден начин, низ уште една форма, ја зацврстуваме врската меѓу бизнис заедницата во Република Македонија, интересот на деловните субјекти и експертската јавност застапени преку стопанските комори и другите граѓански и експертски здруженија, и владата, владините политики и владините институции.

Сите ние заедно со оваа нова иницијатива стремиме кон остварувањето на заедничките цели:

  • Создавање на поволна деловна клима;
  • Креирање на инклузивен раст, намалување на сиромаштијата , зголемување на отчетноста во владеењето, бизнис интегритетот;
  • Вклучување на приватниот сектор во изнаоѓање на креативни и одржливи решенија за поттикнување на иновативноста и конкурентноста, и, секако
  • Остварување на заложбите и определбата на владата за Владеење на правото и правната држава.

Одлучни во креирање на кредибилни законски реформи како и за добивање на поддршка на овие политики, ние се залагаме да бидеме активни слушатели на барањата на приватниот сектор.

За Владата на Република Македонија јавно-приватниот дијалог овозможува структуриран пристап, со учество и инклузивност на главните засегнати страни во креирање на политиките во насока на реформи на владеењето и за реформи на амбиентот за создавање стимулативно деловно опкружување.

Структурираниот дијалог, кој што денеска го почнуваме, ни овозможува ширење на просторот за откривање можности за креирање инспиративни политики. Преку овој дијалог, ние како креатори на политики, заедно со чинителите во приватниот сектор, и експертите од стручните граѓански и еснафски организации, многу попрецизно ќе можеме да ја одредиме вистинската, продуктивна насока за потребните, неопходни реформи.

Како влада која промовира демократско и отворено владеење, сметаме дека само енергичен придонес на приватниот сектор во меѓусебниот дијалог, вашето учество во креирање политики, заложбата кон подобрување на квалитетот на претставувањето на бизнисот и усогласеност со демократските институции, можат да бидат предуслов за добро владеење и одржливи реформски измени.

Искрено се надевам и очекувам овој отворен дијалог да биде појдовна точка за простор во кој на нас, како на извршна власт, нема да се гледа само како на регулатори. Со оваа иницијатива и меморандум за јавно-приватен дијалог сакаме да ѝ дадеме живот на една нова филозофија која од владините мерки и институции ќе создаде партнери и креатори на поповолно деловно опкружување.

Платформата за Јавен Приватен Дијалог, треба да биде место за вградување на вредностите на транспарентност и стручност во креирањето, во спроведувањето на политиките. Со тоа ќе овозможиме барање на одговорност како од Јавниот така и приватниот сектор кон овие вредности со една цел: Поттикнување на економски развој кон кој што сите се стремиме во интерес на граѓаните и во интерес на нашето заедничко општество.

Вие сте докажани, успешни и реализирани луѓе во своето деловно опкружување – вистински репрезенти на деловните субјекти кои се економската движечка сила на Македонија.

Владата на Република Македонија продолжува да го негува инклузивниот процес и партнерскиот однос со бизнис заедницата, а нашата соработка останува да биде фокусирана на потребите на граѓаните и нивната благосостојба како заеднички интерес за економски просперитетна иднина на нашата држава.