29/03/2024
Охрид

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Охрид и турската агенција за соработка и координација „Тика“

Во просториите на општина Охрид, вчера беше потпишан меморандум за соработка помеѓу градоначалникот Јован Стојаноски како претставник на општина Охрид и претседателот на „ТИКА“ за Балканот и Југо – источна Европа, Махмут Чевик.  Со меморандумот се предвидува проектирање, изведување на градежни работи и опремување на новата училишна зграда на основното училиште „Братство Единство“.

„После неколку месеци преговори, доаѓаме до моментот на потпишување на меморандумот помеѓу нас и турската агенција за соработка и координација „ТИКА“, во кој е предвидена изградбата на ново училиште, а тоа е ОУ „Братство Единство“. Велам ново училиште, бидејќи станува збор за рушење на старото училиште и од почеток изградба на ново училиште. На местото од постојното училиште ќе имаме едно ново, модерно училиште со сите услови и предуслови за работа во него. Тоа е една голема инвестиција и голема благодат за нас како општина Охрид и за децата од училиштето“, истакна градоначалникот Јован Стојаноски.

После потпишувањето на меморандумот следува, потпишување на договор со агенцијата „ТИКА“, па понатака ќе следуваа проектирањето и реализацијата на училишната зграда. Со реализацијата на овој проект ОУ „Братство Единство“ ќе добие комплетно нова, современо опремена училишна зграда, поголема од постојната, како и соодветна спортска сала која што ќе ги задоволува потребите на учениците и наставниците.

„Како што истакна градоначалникот, нашата канцеларија во Република Македонија е формирана во 2005 година со потпишување на протокол за соработка помеѓу владите на Република Македонија и Република Турција. Почнувајќи од тогаш па до денес, имаме реализирано многу проекти, од многу различни области. Во сиот овој период „ТИКА“ во Македонија има инвестирано повеќе од 70 милиони евра. Сите наши проекти кој што се реализираат во образованието, се со цел да се подобрат условите во образованието“, рече Махмут Чевик.

Претходно градоначалникот заедно со претставниците од „ТИКА“ беа во посета на ОУ „Братство Единство“, каде го разгледаа стариот училиштен објект.

https://www.youtube.com/watch?v=1JAgDCzClDI