09/12/2024
Охрид

Потпишани се договорите за проектите кои ќе ги финaнсира Министерството за култура

Во Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид се задоволни со доделените средства во висина од над еден милион и четиристотини илјади денари со кои Министерството за култура на Република Северна Македонија ќе учествува во финансирањето на Годишната програма за работа во оваа 2022 година од областа на библиотечната и издавачката дејност.  

Според зборовите на директорот на библиотеката м-р Милчо Јованоски со средства од Буџетот на државата покрај манифестацијата „Прличеви беседи“ која веќе се одржа, ќе се финансираат уште осум програмски активности.

-Најмногу пари ќе се одлеат во основната дејност на библиотеката во збогатувањето на книжниот фонд. Стручната комисија на установата за набавка на нови книги во одделението за возрасни ќе има буџет од 300 000, а за одделението за деца 150 000 денари. Книгите ќе се набавуваат по пат на јавна набавка и во неколку наврати со цел да се следи актуелната издавачка продукција. Годинава повеќе средства од лани Библиотеката доби за обуки на вработените како и за набавка на два компјутери, зебра печатач и за заштита на оштетени стари раритетни книги по пат на конзервација и реставрација. Во областа на издавачката дејност и литературата ресорното министерство одобри два проекти кои ќе ги работат тимови од вработени во установата: Збирка на Прличевите слова во ракопис и монографијата  70 години НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид. Останатите средства ќе бидат наменети за покривање на материјалните трошоци на библиотеката и за електрична енергија и други комунални трошоци, вели Јованоски.

Од осми декември, минатата година библиотеката во функција го стави идентичниот простор на оној во кој дотогаш работеше и наскоро, најверојатно во март со намалувањето на Ковид-19 се очекува конечно библиотеката од шалтерски да премине во отворен тип на установа. Приоритет е зголемување на бројот на читатели без разлика на возраста и конечно создавање еднакви можности за сите со поставување на пристапна рампа за лицата со посебни потреби.

–  Доколку епидемиолошката состојба покаже  намалување на короната, вели директорот Јованоски не очекува првиот еднодневен саем на книгата  во просториите на библиотеката а во соработка со издавачот „Сакам книги“. До крајот на годината ќе следат уште неколку саеми од разни издавачи. Планирани се и неколку средби и промоции на нивни книги со роднокрајни автори и други македонски писатели.

Наскоро во библиотеката ќе биде отворено Италијанското катче во чие опремување се очекува помош и од Италијанската амбасада во Скопје а замисла е летово Библиотеката во соработката со Фестивалот „Охридско лето“ да  промовираат роман од италијански автор со македонски корени кој ќе биде преведен на македонски јазик.


WebOhrid / 22.02.2022 / НУ Библиотека Охрид