Потпишување на втор договор за грант меѓу ЈУНП Галичица и Фонд за природа Преспа – Охрид (ПОНТ)

Минатогодишната соработка меѓу Јавната установа Национален парк Галичица и Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) продолжува. Имено, во согласност со мисијата и визијата на Фондот, а и со аплицирањето од страна на ЈУНП Галичица на повикот за финансиска поддршка, на 16 декември 2019 година беше потпишан Договор со кој Фондот ќе финансира дел од трошоците за тековното работење на ЈУНП Галичица, во висина од 178.000,00 евра за 2020 година.

Ова претставува иновативен пристап во финансирањето и работењето на заштитените подрачја, за што ПОНТ минатата година беше избран како победник на наградата Pathfinder за 2018 година која се доделува за извонредни и инвентивни решенија за заштитените подрачја.

Договорот беше потпишан меѓу извршниот директор на ПОНТ Миријам де Конинг и Васко Паскали, директор на ЈУНП Галичица во присуство на вработените во установата, како и претставници од други организации кои ќе бидат финансиски поддржани од страна на Фондот во текот на 2020 година за активности кои ќе се реализираат на територијата на Националниот парк.