Потсетување на земјотресот од 03.07.2017 во Охрид
Во периодот од 18 јуни до крајот на август 2017 г., Охридското епицентрално подрачје беше изложено на сеизмичка активност изразена преку серија на минорни до умерено силни земјотреси со магнитуден интервал M0.1 до M5.0, чие траење и повторување предизвика вознемиреност кај локалното население и туристите.
Најсилниот земјотрес се случи на денешен ден, 3 јули 2017 година во 13 часот и 18 минути по локално време, со магнитуда М5.0 и макросеизмички интензитет од VII степени според Европската Макросеизмичка Скала. Земјотресот беше проследен со силен вертикален удар и звук, слично како на експлозија, што предизвика да го почувствуваат многу луѓе внатре во куќите но и оние во зградите. Многу од оние што спиеле се разбудиле, а мнозинството се исплашиле и ги напуштиле своите домови.
Беше забележано, бранување на водата во Охридското Езеро, заматување на водата во бунарите, но и појава на брановидни формации во почвата. Со послаби макросеизмички ефекти, овој земјотрес беше почувствуван низ целата територија на Републиката но и блиските погранични подрачја.
Повеќето од градбите во градот претрпеле оштетувања. Ѕиданите градби, претрпеле значајни до многу големи оштетувања, како пукнатини на повеќе ѕидови, лизгање на ќерамиди од куќите, паѓање на оџаци, делумно уривање на ѕидови. Кај некои армирано бетонски градби се појавиле пукнатини на ѕидовите, а кај некои паѓање на големи парчиња малтер или гипс од ѕидовите.
Треба да бидеме свесни за постоењето на сеизмичката опасност и нејзината големина, и интензивно и перманентно да работиме на превземањето на мерки и активности за намалување на сеизмичкиот ризик, како преку градење на сеизмички отпорни конструкции спремни да се справат со предизвикот земјотрес, така преку подигање на свеста за заштита од земјотрес.
Сеизмолошка опсерваторија, ПМФ, УКИМ, Скопје