20/04/2024
Македонија

Повеќе починати од родени во шест региони во земјава

Во шест од вкупно од осум региони во нашата земја бројот на умрените лица го надминува бројот на родени деца, како резултат на неповолната старосна структура и нискиот фертилитет, покажуваат податоците од новата публикација „Регионите во Република Северна Македонија, 2020 година“ на Државниот завод за статистика.

Повеќе новородени од починати лица има само во Скопскиот и во Полошкиот регион.

Од Државниот завод за статистика укажуваат дека демографските показатели на регионално ниво покажуваат разлики што укажуваат на диспропорции во територијалната дистрибуција на населението. Најгусто населен е Скопскиот, a најретко населен е Вардарскиот Регион.

„Разликите се евидентни и во старосната структура на населението. Најголемо учество на младото население (0-14 години) има во Скопскиот, а најмало во Источниот Регион. Учеството на старото население (65+) е најголемо во Пелагонискиот, а најмало во Полошкиот Регион“, се вели во публикацијата.

Освен демографски, во регионите има и значителни економски разлики. Највисок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2019 година, во однос на вкупниот просек во Република Северна Македонија, е забележан во Скопскиот Регион (14,5 отсто), а најнизок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2019 година, во однос на вкупниот државен просек е забележан во Североисточниот Регион (21,6 отсто).

извор: мета.мк